Wednesday, November 15, 2017

Дали наставниците треба да прават подготовки?


Овој текст го напишав затоа што ме поттикна еден напис кој на Facebook го споделија Слободан Таневски и Рената Дескоска и за кој позитивно се искажаа.

Целиот напис се наоѓа на


За оние кои не го прочитале ќе го објаснам накратко. Во текстот се наведува дека во едно недамнешно интервју, министерката за образование на Велика Британија рекла дека наставниците повеќе време губат со оценување и планирање на лекциите, наместо да се фокусираат на поучувањето (или како што некои често грешат, па го викаат подучување).

Мене ова ми личи на "готвачите премногу губат време со готвење, наместо да се фокусираат на јадење и уживање во јадењето". Добро, малку карикирам, ама само малку.

Има доста работи во текстот со кои се сложувам. Се сложувам со тоа дека бирократското пишување на дневните подготвки е баласт за наставниците. Исто така, се сложувам дека треба да се остави слобода на наставниците да бидат креативни во планирањето на часовите, уште повеќе затоа што работат со многу жива и осетлива материја, деца, кои се менуваат од ден на ден. Истовремено, технологија која е актуелна и која се користи во наставата брзо се менува, па во согласност со тоа се менуваат и потребите на околината, на општеството. Во текстот се спомнува и се дава предност на учењето низ истражување и учењето базирано на проекти, кои авторот ги соменува како "онлајн истраживања и дуље пројекте". За ваква настава гласам со две раце! Токму поради тоа и ги работам со моите студенти, идни наставници по физика и по математика.

Но, се плашам дека и од ова можеме да направиме карикатура, како што обично правиме кога не сме добро информирани и подготвени. Ова нешто има повеќе аспекти.

1. Се прашувам како ќе може наставникот да реализира такви часови, ако не ги подготви претходно. Оние кои држат ТАКВА настава знаат дека главната активност на наставникот е пред часот, во подготовката. Подготовката трае со денови. Како да се формираат групите, кои деца со какви афинитети и какви карактери се? Какви активности да предложам за различните деца? Како наставник морам да имам и план Б и план Ц. Не можете туку-така да ги оставите децата да се самоорганизираат. Би настанало хаос. Се разбира дека е можно и тоа, но во повисоките нивоа на образование, трета и четврта година средно, откако тие ќе стекнат искуство како ученици кои поминале многу ученички истражувања и проекти. Ако минатата година не ми успеал часот, што да променам? Ако оваа година таа тема не е актуелна, која друга да ја реализирам. И после сето тоа, доаѓа часот, на кој наставникот може да си дозволи да биде многу релаксиран и тогаш наставата е навистина насочена кон ученикот, она што авторот на текстот го вика "учење усмјерено на дијете" или на чист македонски, student centered teaching. Тогаш наставникот е вистински фасилитатор, личност која ги води учениците низ учењето, а не е тутор, кој држи предавање, како кај традиционалната настава. Со полна одговорност тврдам дека кај нас никој, ама баш никој до сега не држел настава базирана на проекти.
Во текстот се прави паралела со еден џез музичар. Тој кога е почетник, ги учи делата на памет и ги свири на концерт. Подоцна, кога ќе стане искусен музичар, тој импровизира и е потполно усогласен со групата. Така требало да биде и со наставниците. Одлично. Ама забораваме дека тие музичари вежбаат речиси секој ден дома или во студио, без публика. Кога снимаат во студио по десетици пати повторуваат едни исти пасажи, ги менуваат се усогласуваат, додека не дојдат до она што сакаат. Ако не ни се читаат книги, можеме да ги погледаме биграфските филмови на некои од овие големи музичари. Дали оваа споредба значи дека и наставниците треба да држат дома часови, без ученици.

2. Британската министерка вели дека ИСКУСНИТЕ наставници не треба да се подготовуваат. А кои се тие искусни наставници? Кој е тој што ќе може да ги подели наставниците на искусни и неискусни? Како ќе го измери тоа? По стаж? По освоени награди на натпревари? По број на посетени обуки? Учество во Еразмус проекти? Објавени постови на Фејсбук? Конечно, има млади "неискусни" наставници кои веќе со неколку години стаќ изведуваат фантастична настава. Од друга страна, има наставници кои и после 30 години стаж наставата им е катастрофа. Дали можеме да направиме  служба при МОН или БРО или посебна агенција која ќе го мери "искуството" на наставниците? Па, можеби може. Многу би бил среќен кога би имале таква служба, која ќе може АМА ВИСТИНСКИ И НАЈОБЈЕКТИВНО, СО РЕЧИСИ ВООПШТО ДОЗА НА СУБЈЕКТИВНОСТ ДА ГИ ИЗМЕРИ НАСТАВНИЦИТЕ. За тоа ќе ни требаат: нааајмалку десет години интензивни истражувања во областа на образованието (оние за кои во буџетот за наредната година средствата се намалени), формирање стандарди и критериуми, вработување на околу барем 500-600 оценувачи, нивна едукација и обука и конечно, кое требаше да биде прво, обука на наставниците во настава насочена кон учениците. Потполно се сложувам со една таква работа. Ова не' воведува во третиот аспект на ова нешто.

3. Тој аспект се вика "жабата и коњот". Речиси е невозможно да го споредуваме нашиот образовен систем со еден образовен систем кој постои со векови, кој изградил институции врз основа на тоа вековно искуство, но и на повеќе децениски истражувања во областа на образованието. Онаа разлика која највеќе ги тангира наставниците е тоа што британците имаат изградено систем за помош на наставникот и негово континуирано образување. Ние имаме изградено систем кој му диши во врат на наставникот, сместен во заседа да го начека наставникот за да го казни. Наместо на наставникот да му дојде советник, како во Британија, да го изгледа неговиот час, да го анализира заедно со него и да најде начини како да го подобри, на нашиот наставник му доаѓа инспектор кој му вика "е сега ќе те казнам". Зошто да ме казниш? "Затоа што си згрешил." Ама што сум згрешил? "Не знам сеуште, ама ќе најдам нешто." Како може инспектор, кој е правник, инженер, социолог, па дури нека биде и психолог или педагог, да му каже на наставникот дека не го држи часот по математика како што треба. Или по физичко, историја, англиски... Единствено што може да направи е да му го сруши авторитетот и угледот на наставникот пред учениците. Наместо тоа, треба советниците по соодветните предмети да дојдат на час и да му помогнат на наставникот. Но тука се сретнуваме со друг проблем. Како може, на пример, тројца советници по физика, од кои еден во Битола и двајца во Струга, да ги покријат сите наставници по физика во цела Македонија. Груба сметка: (350 основни училишта + 150 средни училишта) х 2 наставници = 1000 наставници. Тоа ни Супермен и Дедо Мраз здружени не би можеле.

Наместо заклучок.

Се сеќавам кога Македонија се осамостои на какви се' проблеми наидовме и колку време изгубивме поради војната во Хрватска и во Босна и Херцеговина, поради блокадите и поради многу други работи. За да го фатиме чекорот со останатиот дел од Европа решивме многу работи да ги решаваме по пократката патека. Дури едно време беше актуелна и паролата "Македонија нема време за чекање". Години подоцна ние сеуште сме на пократката патека, а некои други по подолгата патека стигнаа на целта.
Брзајќи ја донесовме Кембриџ програмата. Без сериозно истражување, сериозна анализа и подготовка. Така брзајќи, независно кој странски систем да го воведеме, ќе направиме грешка. Фински, германски, корејски... Се прашувам, зошто Данска или Италија не го воведоа финскиот или англискиот систем, туку креираа свој? Зошто Кореја не го воведе јапонскиот или сингапурскиот систем, туку креираше свој? Се прашувам, зошто стално правиме карикатура од себе?

Friday, August 11, 2017

Како се губи национален идентитет

Малку со задоцнување го пишувам текстов. Ме фатија жештиниве и телово ми работи со намалена брзина. Ама тоа не значи дека мозокот ми работи погрешно. Ќе коментирам две работи, едната веќе застарена-договорот за соработка со Република Бугарија, а другата мошне тазе-назначувањето на некои од новите раководители и заменици раководители на јавните институции. Се разбира, ќе останам во сферата на образованието.

Да тргнам по ред. Овој договор беше предмет на многу критики во јавноста. Она што најстрашно звучеше беше дека со овој договор ќе ја продадеме државата, нашата историја, културата, јазикот, националниот идентитет и што уште не. Внимателно го прочитав договорот и не најдов нешто што ми ја навести опасноста од губење на националниот идентитет. Не велам дека е идеален. На пример, не ми се допаѓа точка 5 од член 11. Таа некако ми штрчи во однос на сите останати членови. Но, нема да ја коментирам, затоа што реков дека ќе останам во сферата на образованието. Каде е образованието во договорот? Многу ми е интересна опасноста од губењето на националниот идентитет низ призмата на образованието.

Ќе наведам неколку примери како може да се изгуби националниот идентитет.

Пример 1
Преведување универзитетски учебници на македонски јазик и носење одлука за задолжителна употреба на овие учебници.

Во спротивно, студиските програми нема да бидат акредитирани од Одборот за акредитација. Ова значи дека нашите универзитети не чинат, дека не успеале да произведат доктори на науки кои можат да напишат квалитетен универзитетски учебник и дека спасот е во странските учебници. А ние, универзитетските професори, наместо да се здружиме и сите сложно да кажеме НЕ на оваа глупост, за да покажеме дека се сложуваме со ова мислење, брзо-брзо ги ставивме овие преводи на листата со задолжителна литература. Уште некои колеги не' потсетуваа да не заборавиме на оваа обврска. Зошто служат образовните и научните институции? Да креираат научни резултати, уметнички дела, учебници, стручни книги, популарен материјал...и сето тоа да го промовираат и популаризираат меѓу припадниците на својата нација, но и други нации. Кој е резултатот од ова? Меѓу другото, промовирање на својата култура, својата нација, својот идентитет, што неминовно води до меѓународно признавање на сето тоа што е креирано и промовирано. До признавање на националниот идентитет. Некој ќе праша, па добро што има лошо во тоа да се преведуваат квалитетни странски учебници на македонски? Не е лошо. Тоа се прави во светот. Но, во конкретниов случај лошо е што тоа е направено на крајно неквалитетно. Лошо е што процесот е еднонасочен. Зошто да не се преведуваат македонски универзитетски учебници и да се промовираат во странство? Имаме учебници кои се на многу високо ниво, на светско ниво. Зошто да не го промовираме надвор нашето високо образование? Нашиот идентитет!

Пример 2
Воведување странски наставни програми во основното и средното образование, со комплет преведни странски учебници. И програмите и учебниците да се прилагодат на брзинка. Крајната одлука за сето тоа да ја донесат луѓе кои немаат врска со образование.

Што значи ова? Слично како и кај првиот пример. Ние немаме писмени експерти кои ќе направат добра современа наставна програма и ќе напишат добри учебници. Ги помноживме со нула сите оние коие со децении работеа на ова поле. Сите оние кои се ценети и надвор од нашите граници. Некој ќе праша, па зошто не направија тие експерти современа наставна програма порано? Наставните програми се одлични. Лошите резултати на нашите деца се последица на нешто друго, за кое ќе пишувам во некоја друга прилика. Да не објаснувам понатаму дека 1+1=2. Јасно е дека ако немаш свој образовен систем, ако немаш идентитет, тогаш мораш да увезеш туѓ. Заклучок, уништи го својот идентитет и увези туѓ.

Реков дека ќе останам во сферата на образование, па затоа нема да зборувам за уништување на националниот идентитет преку други сфери: уништување на своето стопанство и инвестирање и спасување на туѓото стопанство, за немање своја телевизиска продукција и увезување на туѓи шоуа, забавни емисии, серии... Па кога веќе увезуваме туѓа телевизиска продукција, барем да увеземе нешто што е квалитетно и поучно, како научно-популарни емисии, школска програма...

Ова е она што им го правеле колонизаторите на колонизираните народи. Ја уништувале нивната култура, нивниот идентитет и им ги подарувале своите. На пример, анализирајќи го колонизирањето на Индија од страна на Британците, историчарите и аналитичарите ќе напишат дека целта била "да се креираат Индијци по крв и боја, но Англичани по чувства, морални квалитети и гледање на работите". Во исто време "биле формирани образовни институции, чија цел била да се уништи слободната мисла кај младите Индијци и да се вгради во нив вредноста на Британското присуство во земјата, а сето тоа под плаштот на современо образование. Ова образование немало за цел да го развива рационалното размислување, туку да ги наведе младите да ја прифатат Британската супериорност."
Она што колонизаторите им го правеле со сила на колонизираните, ние си го правиме доброволно и уште повеќе, плаќаме за тоа.

Ова ме води до втората тазе актуелна тема за која сакам да зборувам. Ова е време кога сме соочени со Кембриџ програмата по математика и природни науки во основно образование и со сите проблеми кои се појавија со нејзиното воведување. Исто така, веројатно не' чека нејзино воведување и во средното образование. Резултатите од меѓународните истражувања (ТИМСС, ПИЗА) покажуваат дека нашите ученици се на дното на листата. Сега, кога сме заглавени во оваа дупка, како в.д. заменик директор на Бирото за развој на образованието се поставува човек кој е одделенски наставник. Можеби тој би бил добар заменик директор во некое друго време. Но, во моментов, на чело на оваа институција е потребен човек кој е од областа на математика и природни науки, кој е стручен, има чувство за состојбата и потребите на терен и се разбира, кој има идеи. Ако ништо друго, таа личност треба да биде свесна дека треба да формира широко експертско тело, на кое ќе му биде дадено доволно време и слобода да одлучи што е најдобро.

Претходно реков дека веројатно не' чека воведување на Кембриџ програмата и во средното образование. Го употребив зборот "веројатно", затоа што во јавноста не е објавен договорот што го имаме потпишано со Меѓународниот центар Кембриџ. Не знаеме кои се ниту нашите обврски и права во тој договор, ниту оние на Меѓународниот центар. Дали мораме да го воведеме Кембриџ, под кои услови, колку пари до сега се потрошени, уште колку треба да се потрошат, колку можеме да ја модифицираме програмата...


Толку многу прашања, а толку ич одговори.

Saturday, July 1, 2017

Извештајот на ректорот на УКиМ

На 27.06.2017 година се одржа седница на собраниската Комисијата за образивание, наука и спорт. На седницата присуствував како претставник на Професорскиот пленум, заедно со колешката Елена Џукеска. Во својство на претставници на Независниот Академски Синдикат беа присутни и Маја Стевановиќ и Зоран Велковски. После седницата се договоривме да дадеме заедничко соопштение во името на ПП и НАкС.
Во продолжение е соопштението кое е објавено на веб страните на двете организации, ама јас додадов уште по некој мој коментар, затоа што "срце јуначко" не додржа.


ЗАЕДНИЧКО СООПШТЕНИЕ НА ПРОФЕСОРСКИ ПЛЕНУМ И
НЕЗАВИСНИОТ АКАДЕМСКИ СИНДИКАТ
во врска со одржаната седница на Собраниската комисија за образование, наука и спорт на 27.веб стран06.2017


На 27.06.2017 година во 12.00 часот се одржа седница на Комисијата за образование, наука и спорт на Собранието на Република Македонија на којашто беше предвидено да се разгледува Извештајот на ректорот за работата на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје за периодот од 16 септември 2015 до 15 септември 2016 година. Покрај Ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски на оваа седница беа поканети и претставници на Студентски парламент на УКИМ, Студентски пленум, Професорски пленум и Независен академски синдикат.
ПП и НАкС ја прифатија поканата од Претседателот на Комисијата, проф. Петар Атанасов, и испратија по двајца свои претставници на седницата. Но, за жал, поради големиот број процедурални забелешки на членовите на Комисијата од редот на опозицијата, на штo се потроши поголемиот дел од времето предвидено за работа, нашите претставници не добија можност да земат збор и да дадат активен придонес во расправата по Извештајот. Можност да зборуваат на таа седница не добија ниту претставниците на СП, ниту претставниците на СПУКМ.
Сепак, сметаме дека јавноста треба да биде запознаена со содржината на она што сакавме да го кажеме доколку ни беше дадена соодветна можност во текот на седницата, затоа што тоа е во функција на подобрување на квалитетот на високото образование и квалитетот на работата на самата Комисија за образование, наука и спорт.
1. Ја поздравуваме подготвеноста на Претседателот на Комисијата за воведување на добра практика, во смисла на отворање на седниците за стручната јавност, а со цел во работењето на комисијата да се вклучат сите засегнати страни кога се во прашање образованието, науката и спортот. Но, сепак, мораме да укажеме дека за вистинска инклузивност, потребно е да се обезбедат можности за активно учество во дискусијата на сите поканети, а не само да се обезбеди нивното формално, физичко присуство.
Исто така, би сакале на членовите на Комисијата од редовите на парламентарната опозиција, кои во оваа прилика отворено ја покажаа својата неподготвеност да слушнат различни мислења од професорите и студентите, да им укажеме дека членовите и поддржувачите на ПП и НАкС имаат различни политички ставови, но нивна заедничка цел е поквалитетно високо образование, наука и спорт. Цениме дека почитта кон стручната јавност е основниот предуслов за да се докаже подготвеноста за работење на реформи во интерес на граѓаните.
Мој коментар: За мене беше многу интересен начинот на кој опозицијата ја покажа таа своја неподготвеност. Процедурални забелешки се точеа во недоглед. А во тие процедурални дискусии се изнаслушавме за се' и сешто: како изгледаат седниците на некои други комисии; како таму некаде се узурпира правото на дискусија; како на оваа седница се викнати само "вашите", а не и "нашите" (кои ли се "нашите" и "вашите"); како тие можат да викнат на следната седница на комисијата 5000 нивни, па да не помине ниедна одлука (опаа, закани!)... Во текот на тие "процедурални" дискусии беше кажано и "сте ги викнале овде за да правите циркус". Многу јако! За нив не е циркус кога на говорница ќе излезе некоја Кока Кола или друг сличен напиток и тресе зелени и го руши достоинството на Собранието, ама затоа е циркус кога ќе викнеш студенти и универзиетски професори. Додуше, јас знам пред моите студенти да се "кловнирам", се' со цел да им ја приближам материјата повеќе, ама не знаев дека таа информација стигнала до Собранието. Како и да е, успеа стратегијата и време зтоа дискусија на повиканите гости се потроши. Така се чекаат гости, со навреди, омаловажување и игнорирање.

2. Ги разбираме и ги поздравуваме заложбите на парламентарното мнозинство за одржување на легалистичкиот континуитет на државата, наспроти гласните барања на дел од јавноста за брзо справување со неправилностите и неправдите од изминатиот период. Но, со оглед на тоа што одлуката на Претседателот на Комисијата да ги вклучи и претставниците на академските здруженија во нејзиното работење претставува политички гест, а не законска обврска, се прашуваме што би требало да значи канењето на претставниците на СПУКМ. Имено, пред точно една година целокупната македонска јавност можеше да се увери дека тие луѓе не ги претставуваат студентите, туку дека со помош на полициско насилство им беше овозможено да ги украдат изборите. Ако проблемот на нивната легалност и легитимност се игнорира и сѐ уште не се решава во органите и телата на УКИМ, дали со поканата за учество во работењето на Собраниската комисија, несвесно не им се дава апостериорен легитимитет на оние кои се сѐ само не легални и легитимни претставници на студентите на УКИМ?
Мој коментар: СПУКМ се дел и од органите и телата на УКиМ, се разбира илегално. Така, ако ги пушташ да ти влезат во куќа, тогаш и други ќе ги пуштаат. Како викаат, "среди си ги работите прво во твојот двор, па потоа во туѓите". Статусот кој СПУКМ го има на УКиМ може да се регулира за минутка Ама некој не сака да го направи тоа, затоа што тие се секогаш тука и спремни за правење пазар, па на тој некој може да му послужат за...разни работи.

3. По однос на извештаите за работењето на ректорите на јавните универзитети, сметаме дека е потребно Комисијата во иднина да преземе соодветни мерки за прецизирање на методологијата за нивна подготовка со цел да се подобри квалитетот на самите извештаи. Неопходно е во нив да бидат опфатени сите потребни информации, а тие информации да бидат презентирани на начин кој ќе овозможи увид во тоа дали соодветната институција работела во согласност со својата програма за работа и колку успеала да оствари од планираното во извештајниот период.
4. Во таа смисла, забележуваме дека во Извештајот на ректорот за работата на УКИМ за периодот од 16 септември 2015 до 16 септември 2016 година отсуствуваат соодветни податоци по однос на тоа што било планирано за работа во дадениот период и што било предвидено во Стратегијата за развој на УКИМ.
Извештајот изобилува со фактографија и нарации, но тие не се ставени во соодветен контекст за да претставуваат информации од кои може да се процени дали воопшто е направен напредок во некој сегмент од работата на Универзитетот или, пак, имало стагнација и назадување во однос на претходните години. За илустрација, што може да се заклучи за резултатите на УКИМ во поглед на мобилноста на студентите и професорите во периодот 2015-2016 во рамките на Еразмус+, кога е даден само податокот за бројот на поднесени апликации и селектирани мобилности, 97 и 64 кај студентите и 11селектирани и реализирани мобилности кај професорите, а притоа не е даден податокот за вкупниот број на достапни места!? Бројот од 215 потпишани билатерални договори, кој е наведен во Извештајот, не може да биде индикативен во оваа смисла, бидејќи за секој договор се врзани различен број на мобилности. Недостасува и податокот дали бројот на потпишани билатерални договори се однесува на тековната академска година или е сумарен.
Мој коментар: Јас сум дете растено во социјализмот. Тогаш не' учеа секогаш да си дефинираме цел. Се сеќавам  дека фабриките имаа цел да постигнат определено ниво на производство. Секогаш успеваа да ја надминат својата цел. После сфатив дека всушност тие знаеја летвичката да ја постават ниско, па така успеваа секогаш производството да го надминат за 30 %, 50 %... Безобразлукот кај овој извештај е што не се обидоа ниту да не' излажат. Во извештајот имаше само фалење, како да го спремаме УКиМ за млада невеста, па им кажуваме на стројниците колку е таа убава и вредна.

5. Загрижувачко е отсуството на каква било информација за важни настани кои го обележаа извештајниот период како: барањата на група сенатори за одржување вонредна седница во врска со изградбата на зградите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство во кампусот на ректоратот и скандалозните избори за претседател на СПУКМ, барањето на членовите на ПП и СП за присуство на седниците на кои се расправаше за овие барања, како и незакажувањето на вонредните седници од страна на тогашниот ректор, проф. Велимир Стојковски, и покрај статутарната обврска.
Во Извештајот нема ни збор за присуство на полицијата во Кампусот и тоа во неколку наврати, како ни за спектакуларната интервенција на Специјалните полициски сили при приведувањето на професор на Економскиот факултет.
Недостасуваат соодветни и целосни информации и по однос на процедурата за избор на ректор, укажувањата на СП и соодветите барања во врска со нелегалниот статус на претставниците на СПУКМ кои учествуваа во изборот на ректорот.
Недостасуваат соодветни и целосни информации во врска со изборот на претседател на СПУКМ, проблемите кои настанаа притоа, формирањето на Комисијата за истражување на случувањата, како и резултатот од нејзиното работење.
Недостасуваат соодветни и целосни информации во врска со формирањето на Комисијата за измени на Статутот во делот на студентското организирање од страна на Сенатот на УКИМ, како и резултатот од нејзината работа.
Заради недостатокот од соодветни информации од Извештајот не може да се заклучи многу за соработката на УКИМ со Министерството за образование, наука и спорт и други соодветни институции, особено оние кои се надлежни за реализација на програмите од Европската Унија.
Мој коментар: Што да коментираш? Главата во песок! Малите деца така прават. Кога сакаат да се сокријат, ги затвораат очите и штом тие гледаат мрак, сигурно и останатите гледаат мрак. Јас не ги видов сите тие случки, значи не ги видовте ни вие! Практично!

6. Она што може да се заклучи од Извештајот, така како што е составен, е дека во извештајниот период Ректоратот на УКИМ не преземал одлучни чекори за решавање на наталожените проблеми во однос на кадровските прашања, просторните и инфраструктурните проблеми и несоодветното финансирање, со оглед на тоа што не постои информација дека истите се адресирани до соодветното министерство.
Дека Владата немала многу разбирање за потребите на УКИМ може да се заклучи од податокот дека од Универзитетот се доставени до Владата барања за 241 вработување, од кои се одобрени само 51. До сличен заклучок води и податокот дека за учебната 2015/16 година од Владата не е одобрен бараниот број места за упис на одредени студиски групи, со што намерно или ненамерно, се подобрува позицијата на приватните универзитети и дисперзираните студии на другите универзитети и се овозможуваат услови за развивање нелојална конкуренција.
Мој коментар: Јасно е дека Владата имаше свои љубимци универзитети, кои можат да се пофалат со многу убави бројки. На пример, во учебната 2016/17 година, на студиите по туризам на УКиМ се дадени 30 места, исто колку и на УГД на соодветниот факултет во Гевгелија и дополнително уште 10 места на дисперзираните студии во Скопје. БРАВО! Или, на УКиМ на Електро факултетот (ФЕИТ) се дадени 80 места за студиите по автоматизација и обновливи извори на енергија, а на УГД на Електро факултетот во Радовиш (Да! Во Радовиш) дадени се 40 места. Скопје и околината е само два пати поголемо од Радовиш и околината. За условите на студирање не сакам да дискутирам. Тоа е друга тема на која може да се направи "Шпанска серија". Има уште многу такви примери, ама овие два се доста за да се добие слика.

Интегративните функции во Извештајот се претставени преку финансирање проекти и организација на културни, уметнички и забавни случувања. Оттаму, останува впечатокот дека интегрираноста на Универзитетот и понатаму останува горливо прашање. Посочуваме дека интеграцијата треба повеќе да се отсликува во начинот на организирање на Универзитетот, неговата структура, политиката на развој и менаџирањето. Постоечкото ниско ниво на интегрираност е плодно тло за развој на проблеми поврзани со матичноста, што од своја страна ги доведува факултетите во ситуација да си конкурираат едни на други во рамките на УКИМ, но и надвор од него.
Мој коментар: Според мене, УКиМ е интегриран 5 %, колку што изнесува "данокот" кој секој факултет, односно единица треба да го плати на УКиМ, односно на Ректоратот. Тие пари после се трошат за шоферот на Ректорот да добие професорска плата (јас не гум го видел ова, само сум го слушнал од други), за организирање културно-забавни, културно-уметнички и културно-културни случувања, за... немам докази, па затоа нема да ги споменам другите некултурни работи.

Во текот на расправата по Извештајот и самите членови на Комисијата упатија голем број забелешки. Сметаме дека за подобрување на квалитетот на високото образование, Комисијата во иднина во својата процедура треба да предвиди можност извештаите за работењето на ректорите на јавните универзитети да бидат усвојувани, откако од нив ќе бидат отстранети сите забележани недостатоци.

И покрај неможноста нашите претставници активно да се вклучат во работењето на седницата на Собраниската комисија за образование, наука и спорт, одржана на 27.06.2017, Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат ќе одговорат и на идните евентуални покани, доколку во своите редови имаат членови кои се од соодветните универзитети или се компетентни за дадената тема. Сметаме дека на тој начин ќе го дадеме својот конструктивен придонес во одржување и развивање на добрата практика на соработка на законодавниот дом со стручната, академска јавност.
Мој коментар: Имаше ден стар виц, во кој еден човек имал папагал кој бил многу безобразен. Пцуел, користел вулгарни зборови... Човекот си го носел папагалот на работа. Секогаш кога ќе поминела некоја колешка и' дифрлал, свиркал. Кога поминува шефот го пцуел, му го спомнувал женскиот дел од семејството, мајка, сестра... Еден ден му пукнал филм на шефот и му рекол на човекот "или ќе најдеш чаре за папагалот или јас ќе ти дадам отказ". Човеков го молел папагалот да престане со таквиот однос, за да не остане без работа. Папагалот се сложил. Следниот ден шефот намерно поминал покрај папагалот за да го тестира. Овој ништо не рекол. Поминал уште еднаш, папагалов пак ништо. Поминал трета пат и...папагалот тогаш му викнал на шефот "Еј шефе... Да...ти... Ај да не ти кажувам, си знаеш."

Thursday, June 22, 2017

Каков Кембриџ?


На 21.11.2016 година, на Природно-математичкиот факултет, од Бирото за развој на образованието пристигна покана (писмо бр. 08-2037/1 од 17.11.2016)  за учество на работен состанок, кој се одржа на 28.11.2017 година во ОУ Јан Амос Коменски. Состанокот беше реализиран од Бирото за развој на образованието и Меѓународниот центар за наставни програми од Кембриџ, а темата на состанокот беше адаптацијата на новите наставни програми по предметите математика, физика, хемија и биологија за учениците од средното образование. Првично, состанокот требаше да се одржи во просториите на БРО, но дознавме дека греењето било расипано, па затоа локацијата на состанокот е сменета. Подоцна дознавме дека греењето во БРО е потполно исправно и работи. Зошто ли беше ова преместување?

Согласно поканата, на состанокот присуствувавме четворица претставници од Природно-математичкиот факултет, експерти од областа на методиката на наставата по соодветните предмети, и тоа:
Проф. д-р Митко Караделев, од Институтот за биологија
Проф. д-р Оливер Зајков, од Институтот за физика
Доц. д-р Валентина Гоговска, од Институтот за математика и
Доц. д-р Марина Стојановска, од Институтот за хемија

Кога дојдовме на состанокот видовме дека се присутни советниците од БРО по соодветните предмети и претставници од Државниот испитен центар. Тука дознавме дека тоа не е еднодневен состанок, туку тридневен работен состанок, на кој ние од ПМФ требаше да присуствуваме само попладнето на првиот ден?????

Морам да кажам дека на почетокот бев збунет од она што претставничката на Кембриџ центарот го зборуваше. Беше очигледно дека информациите што го имав јас за нашето образование по природно-математичките науки и оние што ги имаше таа не се согласуваа. На мое инсистирање таа даде некои дополнителни објаснувања и ни кажа дека тие нудат три стандарди по кои може да се учат математиката, физиката, хемијата и биологијата во средно училиште природните науки и дека ние треба да го одбереме барем оној најнискиот, за да можеме да го фатиме чекорот со светот, за нашите ученици да бидат компатибилни со останатио дел од светот и да можат да се запишуваат на странски универзитети. Испадна дека сите ги имаа информациите за овие стандарди (претставниците од БРО и ДИЦ), освен ние четворица од ПМФ, кои се чувствувавме малку како од друга планета. Од една колешка од БРО, која беше "прва меѓу еднаквите" од БРО побаравме да добиеме копија од материјалите, но таа ни објасни дека тоа е работна верзија преведена на македонски и не смее да се дава на луѓе од надвор. ПАЗИ, НИЕ СМЕ ЛУЃЕ ОД НАДВОР!

Нејсе, си ги најдовме на веб страната на Кембриџ центарот во оригинал. Таму се зборува за три нивоа на стандарди: IGCSE, AS и А. Ние членовите на групата која работеше на делот по физика дојдовме до заклучок дека кај нас физиката во гимназија се учи според највисокиот стандард А. Претставниците од Кембриџ беа благо речено, шокирани. Прво не веруваа, мислеа дека е некое недоразбирање, а подоцна беа зачудени: "Како успевате да го учите на тоа ниво кога имате само 2 односно 3 часа неделен фонд?" И објаснив многу едноставно. "Вие имате 5-7 часа неделно физика, нели?" Таа потврди. "Од нив, 2-3 часа имате предавања, а останатите ви се истражувачка работа во лабораторија, така?" Таа и тоа го потврди. "Епа кај нас има 2 до 3 часа предавања и тука завршува." - и' одговорив. 

Во продолжение состанокот се одвиваше во работна и многу кооперативна атмосфера. Со претставниците од БРО, ДИЦ и од Меѓународниот центар ги разгледавме сите аспекти на промените. Земајќи ги предвид потребите на општеството, дотогашното искуство што нашиот образовен систем го има стекнато и моменталната состојба, се договоривме за верзија која е најсоодветна за нашите потреби и услови. Од претставниците од Кембриџ имавме крајна поддршка. Тие се согласија дека оваа програма не може да се релизира со помалку од 5 часа неделно и без лабораторија. Тие рекоа дека тоа ќе го стават во крајниот извештај.

Откако наставните програми беа објавени на веб страната на БРО, забележавме дека програмите не соодветствуваат на договореното. Уште повеќе, има повеќе нелогичности. Она што посебно се забележува е неусогласеноста на наставните програми за природно-математичките насоки во гимназиите. Тие отсекогаш давале основа за учениците кои ги продолжуваат студиите на факултетите кои се сродни со природно-математичките науки. Имено, наставните програми за ПМ-А беа насочени кон техничките и дел од природно-математичките науки, додека програмите за ПМ-Б, беа насочени кон био-медицинсите и дел од природно-математичките науки. Така, учениците на ПМ-Б, слушаат математика, физика насочена кон биофизика и медицинска физика, хемија и биологија. Тоа се идните студенти на студии по медицина, ветерина, технологија, биологија, хемија, стоматолодија, фармација и слично. Учениците на ПМ-А слушаат дополнителни предмети од математика, настава фокусирана на теориска и применета физика, хемија и биологија. Тоа се идните студенти на студии по математика, физика, електро-техника, машинство, информатика, градежништво и слично.

Според новата програма според Кембриџ, се предвидува учениците во прва година гимназија на природно-математичка-А насока да слушаат настава по физика, хемија и биологија која е иста со наставата во општествено-хуманитарната насока и јазично-уметничката насока во гимназиите и средните стручни училишта. КАТАСТРОФАЛНО! Од друга страна, учениците во прва година гимназија на природно-математичка-Б ќе слушаат настава по математика која е иста со онаа во општествено-хуманитарната насока и јазично-уметничката насока во гимназиите и средните стручни училишта, како и во спортската гимназија. И ПОСЛЕ САКАМЕ НАШЕТО ОБРАЗОВАНИЕ ДА БИДЕ ВО СОГЛАСНОСТ СО СВЕТОТ? На овој начин учениците од овие две насоки ќе стекнат знаења кои не се во согласност со светските текови и потреби и нема да можат успешно да ги продолжат студиите на соодветните факултети, ниту во земјава, ниту во странство.

Дополнително, промената на фондот на часови кај еден предмет би требало да резултира со промена на фондот на часови кај другите предмети. Во спротивно, учениците на различни насоки ќе бидат различно оптоварени. И што направивме сега? За да ја прошириме дневната, срушивме еден ѕид во станот, ама WC шољата ни дојде среде дневна. Смрди? Ооо, да? Ако не се врати назад ѕидот и тоа како ќе смрди. Секој ден се' повеќе.

Можеби не е така лошо да се ангажираат луѓе од надвор, арно ама дајте им на тие луѓе вистински информации. Запознајте ги со приликите, условите, можностите... во оваа моја чудесна земја! Спојте ги со нашите експерти. Слушајте ги и почитувајте ги нивните мислења. Крајниот збор треба да го дадат нашите експерти. Не политичари, не експерти за нечие туѓо образование. Затоа што, колку е образованието светско, толку е и автентично.

Овој текст беше повеќе во стилот "како си поминав на еден Кембриџ состанок". Многу малку коментирав, ама и нема што да се коментира. Дури и Стиви Вондер ќе види дека работава не чини?

(Дел од текстот е превземен од писмото со кое ПМФ реагираше пред некој месец кај БРО во врска со овој проблем.)

Wednesday, June 14, 2017

Анализи, анализи, анализи... А податоци?

Откако се смени владеачката партија, сите како да го почувствуваа моментот. "Е сега му е мајката. Сега се' ќе смениме онака како што треба."

Се чини дека реакциите и дискусиите за образованието се најгласните од сите. Како да сме тука најчувствителни. Па се разбира дека сме. Во таа сфера се креира, дизајнира, оформува, произведува иднината на државата, на еден народ, на една култура. Уште повеќе, репроматеријалот со кој се работи во таа сфера се нашите деца. Нормално, ние како родители не сакаме никој да ни ги малтретира и уништува децата. Од друга страна, прозводителот не смее да го уништува репроматеријалот, затоа што тоа многу чини. Во случајов не чини само пари, туку чини иднина, чини постоење, чини почитување.

Е сега се' ќе смениме како што треба. А како треба? Па луѓе и експерти ќе кажат дека треба да се направи анализа на просторните услови, на учебниците, на наставниот кадар... Зарем треба човек да биде Ајнштајн за да сфати дека, на пример, речиси во ниедно училиште во Македонија нема или речиси нема лаборатории за наставата од групата предмети по природни науки: физика, хемија и биологија. Зарем треба да се биде генијалец за да се заклучи дека учебниците не се она што треба да бидат. Тие никогаш не биле и нема да бидат она што треба да бидат. Никаде во светот. И тоа не е страшно. Ама страшно е ако се ограничиме да учиме само од учебниците. Но, како и да е, ќе направиме анализи, ќе го реформираме образованието и ќе чекаме десетина-петнаесет години, до некое време кога ќе дојдеме до заклучок дека повторно нешто не чини. Што ќе правиме тогаш? Па се разбира, повторно ќе анализираме. Замислете дека сте си изградиле куќа. Во неа живеете, ама никогаш не сте се завртиле околу да видите што попуштило во куќата. Некоја керамида попуштила, па навлегла влага. Во тој дел малтерот паднал, ѕидот е напукнат, ама држи некако. Еден кабел прегорел и дел од ѕидот е малку поцрнет, ама фала Богу сите сме живи. Казанчето во тоалетот се расипало, па некако се снаоѓаме со турање вода. Додуше подсмрдува малку во куќата, ама... И после 15-20 години ќе направиме анализа да видиме што не чини и да направиме нешто за да ја поткрпиме куќава. Каква анализа?! Куќата треба да се одржува редовно! И треба редовно да се прават анализи! А не секои 20 години!

Така е и во образованието. Во 2001 година, кога се подготвуваше реформираното гимназиско образование, тогашната директорка на Бирото за развој на образованието дојде во посета на Институтот за физика на ПМФ- Скопје да ни каже за новините кои ќе се воведат. Се сеќавам како пред малку да беше кога рече:

- Се договоривме со холанѓаните во реформата да ни помогне една нивна сродна организација, ЦИТО. Дојдоа луѓето и ни побараа да ги видат резултатите од истражувањата кои сме ги направиле. Ние прашавме, "какви истражувања". Тие велат, "па оние истражувања што сте ги правеле изминативе 15-20 години". Тогаш дојдовме до заклучок дека ние ништо не сме направиле во изминатиот период.

Дојдовме до заклучок, ама џабе. Продолживме да работиме на истиот начин.

Во светот има десетици и десетици различни образовни системи кои даваат добри резултати. Некои даваат добри, некои подобри, а некои и одлични резултати. Се разбира има и такви со катастрофални резултати. И сега кој од тие добрите да го одбереме за нас. НИЕДЕН! Потребни се долгогодишни редовни и сериозни истражувања во областа на образованието. Тогаш ќе можеме да откриеме кои се нашите автентични проблеми, услови, потреби и т.н. Тогаш ќе можеме да одбереме еден систем кој ќе го преработиме од корен и ќе го прилагодиме да одговара на нашата автентичност, па ќе направиме пилот училишта. Година, две или три, ќе правиме истражувања, ќе следиме, ќе анализираме и после тоа ќе можеме да извршиме дополнителни прилагодувања на системот. Е тогаш ќе можеме да го пуштиме во нашите училишта. Научните истражувања од областа на образование отсекогаш биле занемарувани кај нас. Тоа секогаш било нешто што било оставено само на себе. "Голема работа, да држиш настава, па тоа секој знае. Дај учебник, дај простор и готово. Што има тука да се истражува." Е НЕ Е ТАКА!

Кога на образованието ќе гледаме како на научна дисциплина, тогаш ќе имаме услови за добро образование. Велам ќе имаме услови. Тоа сеуште не е доволно за одлично образование. Треба и други работи. Ама за тоа друг пат.

Дали наставниците треба да прават подготовки?

Овој текст го напишав затоа што ме поттикна еден напис кој на Facebook го споделија Слободан Таневски и Рената Дескоска и за кој позитивно...