Saturday, July 1, 2017

Извештајот на ректорот на УКиМ

На 27.06.2017 година се одржа седница на собраниската Комисијата за образивание, наука и спорт. На седницата присуствував како претставник на Професорскиот пленум, заедно со колешката Елена Џукеска. Во својство на претставници на Независниот Академски Синдикат беа присутни и Маја Стевановиќ и Зоран Велковски. После седницата се договоривме да дадеме заедничко соопштение во името на ПП и НАкС.
Во продолжение е соопштението кое е објавено на веб страните на двете организации, ама јас додадов уште по некој мој коментар, затоа што "срце јуначко" не додржа.


ЗАЕДНИЧКО СООПШТЕНИЕ НА ПРОФЕСОРСКИ ПЛЕНУМ И
НЕЗАВИСНИОТ АКАДЕМСКИ СИНДИКАТ
во врска со одржаната седница на Собраниската комисија за образование, наука и спорт на 27.веб стран06.2017


На 27.06.2017 година во 12.00 часот се одржа седница на Комисијата за образование, наука и спорт на Собранието на Република Македонија на којашто беше предвидено да се разгледува Извештајот на ректорот за работата на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје за периодот од 16 септември 2015 до 15 септември 2016 година. Покрај Ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски на оваа седница беа поканети и претставници на Студентски парламент на УКИМ, Студентски пленум, Професорски пленум и Независен академски синдикат.
ПП и НАкС ја прифатија поканата од Претседателот на Комисијата, проф. Петар Атанасов, и испратија по двајца свои претставници на седницата. Но, за жал, поради големиот број процедурални забелешки на членовите на Комисијата од редот на опозицијата, на штo се потроши поголемиот дел од времето предвидено за работа, нашите претставници не добија можност да земат збор и да дадат активен придонес во расправата по Извештајот. Можност да зборуваат на таа седница не добија ниту претставниците на СП, ниту претставниците на СПУКМ.
Сепак, сметаме дека јавноста треба да биде запознаена со содржината на она што сакавме да го кажеме доколку ни беше дадена соодветна можност во текот на седницата, затоа што тоа е во функција на подобрување на квалитетот на високото образование и квалитетот на работата на самата Комисија за образование, наука и спорт.
1. Ја поздравуваме подготвеноста на Претседателот на Комисијата за воведување на добра практика, во смисла на отворање на седниците за стручната јавност, а со цел во работењето на комисијата да се вклучат сите засегнати страни кога се во прашање образованието, науката и спортот. Но, сепак, мораме да укажеме дека за вистинска инклузивност, потребно е да се обезбедат можности за активно учество во дискусијата на сите поканети, а не само да се обезбеди нивното формално, физичко присуство.
Исто така, би сакале на членовите на Комисијата од редовите на парламентарната опозиција, кои во оваа прилика отворено ја покажаа својата неподготвеност да слушнат различни мислења од професорите и студентите, да им укажеме дека членовите и поддржувачите на ПП и НАкС имаат различни политички ставови, но нивна заедничка цел е поквалитетно високо образование, наука и спорт. Цениме дека почитта кон стручната јавност е основниот предуслов за да се докаже подготвеноста за работење на реформи во интерес на граѓаните.
Мој коментар: За мене беше многу интересен начинот на кој опозицијата ја покажа таа своја неподготвеност. Процедурални забелешки се точеа во недоглед. А во тие процедурални дискусии се изнаслушавме за се' и сешто: како изгледаат седниците на некои други комисии; како таму некаде се узурпира правото на дискусија; како на оваа седница се викнати само "вашите", а не и "нашите" (кои ли се "нашите" и "вашите"); како тие можат да викнат на следната седница на комисијата 5000 нивни, па да не помине ниедна одлука (опаа, закани!)... Во текот на тие "процедурални" дискусии беше кажано и "сте ги викнале овде за да правите циркус". Многу јако! За нив не е циркус кога на говорница ќе излезе некоја Кока Кола или друг сличен напиток и тресе зелени и го руши достоинството на Собранието, ама затоа е циркус кога ќе викнеш студенти и универзиетски професори. Додуше, јас знам пред моите студенти да се "кловнирам", се' со цел да им ја приближам материјата повеќе, ама не знаев дека таа информација стигнала до Собранието. Како и да е, успеа стратегијата и време зтоа дискусија на повиканите гости се потроши. Така се чекаат гости, со навреди, омаловажување и игнорирање.

2. Ги разбираме и ги поздравуваме заложбите на парламентарното мнозинство за одржување на легалистичкиот континуитет на државата, наспроти гласните барања на дел од јавноста за брзо справување со неправилностите и неправдите од изминатиот период. Но, со оглед на тоа што одлуката на Претседателот на Комисијата да ги вклучи и претставниците на академските здруженија во нејзиното работење претставува политички гест, а не законска обврска, се прашуваме што би требало да значи канењето на претставниците на СПУКМ. Имено, пред точно една година целокупната македонска јавност можеше да се увери дека тие луѓе не ги претставуваат студентите, туку дека со помош на полициско насилство им беше овозможено да ги украдат изборите. Ако проблемот на нивната легалност и легитимност се игнорира и сѐ уште не се решава во органите и телата на УКИМ, дали со поканата за учество во работењето на Собраниската комисија, несвесно не им се дава апостериорен легитимитет на оние кои се сѐ само не легални и легитимни претставници на студентите на УКИМ?
Мој коментар: СПУКМ се дел и од органите и телата на УКиМ, се разбира илегално. Така, ако ги пушташ да ти влезат во куќа, тогаш и други ќе ги пуштаат. Како викаат, "среди си ги работите прво во твојот двор, па потоа во туѓите". Статусот кој СПУКМ го има на УКиМ може да се регулира за минутка Ама некој не сака да го направи тоа, затоа што тие се секогаш тука и спремни за правење пазар, па на тој некој може да му послужат за...разни работи.

3. По однос на извештаите за работењето на ректорите на јавните универзитети, сметаме дека е потребно Комисијата во иднина да преземе соодветни мерки за прецизирање на методологијата за нивна подготовка со цел да се подобри квалитетот на самите извештаи. Неопходно е во нив да бидат опфатени сите потребни информации, а тие информации да бидат презентирани на начин кој ќе овозможи увид во тоа дали соодветната институција работела во согласност со својата програма за работа и колку успеала да оствари од планираното во извештајниот период.
4. Во таа смисла, забележуваме дека во Извештајот на ректорот за работата на УКИМ за периодот од 16 септември 2015 до 16 септември 2016 година отсуствуваат соодветни податоци по однос на тоа што било планирано за работа во дадениот период и што било предвидено во Стратегијата за развој на УКИМ.
Извештајот изобилува со фактографија и нарации, но тие не се ставени во соодветен контекст за да претставуваат информации од кои може да се процени дали воопшто е направен напредок во некој сегмент од работата на Универзитетот или, пак, имало стагнација и назадување во однос на претходните години. За илустрација, што може да се заклучи за резултатите на УКИМ во поглед на мобилноста на студентите и професорите во периодот 2015-2016 во рамките на Еразмус+, кога е даден само податокот за бројот на поднесени апликации и селектирани мобилности, 97 и 64 кај студентите и 11селектирани и реализирани мобилности кај професорите, а притоа не е даден податокот за вкупниот број на достапни места!? Бројот од 215 потпишани билатерални договори, кој е наведен во Извештајот, не може да биде индикативен во оваа смисла, бидејќи за секој договор се врзани различен број на мобилности. Недостасува и податокот дали бројот на потпишани билатерални договори се однесува на тековната академска година или е сумарен.
Мој коментар: Јас сум дете растено во социјализмот. Тогаш не' учеа секогаш да си дефинираме цел. Се сеќавам  дека фабриките имаа цел да постигнат определено ниво на производство. Секогаш успеваа да ја надминат својата цел. После сфатив дека всушност тие знаеја летвичката да ја постават ниско, па така успеваа секогаш производството да го надминат за 30 %, 50 %... Безобразлукот кај овој извештај е што не се обидоа ниту да не' излажат. Во извештајот имаше само фалење, како да го спремаме УКиМ за млада невеста, па им кажуваме на стројниците колку е таа убава и вредна.

5. Загрижувачко е отсуството на каква било информација за важни настани кои го обележаа извештајниот период како: барањата на група сенатори за одржување вонредна седница во врска со изградбата на зградите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство во кампусот на ректоратот и скандалозните избори за претседател на СПУКМ, барањето на членовите на ПП и СП за присуство на седниците на кои се расправаше за овие барања, како и незакажувањето на вонредните седници од страна на тогашниот ректор, проф. Велимир Стојковски, и покрај статутарната обврска.
Во Извештајот нема ни збор за присуство на полицијата во Кампусот и тоа во неколку наврати, како ни за спектакуларната интервенција на Специјалните полициски сили при приведувањето на професор на Економскиот факултет.
Недостасуваат соодветни и целосни информации и по однос на процедурата за избор на ректор, укажувањата на СП и соодветите барања во врска со нелегалниот статус на претставниците на СПУКМ кои учествуваа во изборот на ректорот.
Недостасуваат соодветни и целосни информации во врска со изборот на претседател на СПУКМ, проблемите кои настанаа притоа, формирањето на Комисијата за истражување на случувањата, како и резултатот од нејзиното работење.
Недостасуваат соодветни и целосни информации во врска со формирањето на Комисијата за измени на Статутот во делот на студентското организирање од страна на Сенатот на УКИМ, како и резултатот од нејзината работа.
Заради недостатокот од соодветни информации од Извештајот не може да се заклучи многу за соработката на УКИМ со Министерството за образование, наука и спорт и други соодветни институции, особено оние кои се надлежни за реализација на програмите од Европската Унија.
Мој коментар: Што да коментираш? Главата во песок! Малите деца така прават. Кога сакаат да се сокријат, ги затвораат очите и штом тие гледаат мрак, сигурно и останатите гледаат мрак. Јас не ги видов сите тие случки, значи не ги видовте ни вие! Практично!

6. Она што може да се заклучи од Извештајот, така како што е составен, е дека во извештајниот период Ректоратот на УКИМ не преземал одлучни чекори за решавање на наталожените проблеми во однос на кадровските прашања, просторните и инфраструктурните проблеми и несоодветното финансирање, со оглед на тоа што не постои информација дека истите се адресирани до соодветното министерство.
Дека Владата немала многу разбирање за потребите на УКИМ може да се заклучи од податокот дека од Универзитетот се доставени до Владата барања за 241 вработување, од кои се одобрени само 51. До сличен заклучок води и податокот дека за учебната 2015/16 година од Владата не е одобрен бараниот број места за упис на одредени студиски групи, со што намерно или ненамерно, се подобрува позицијата на приватните универзитети и дисперзираните студии на другите универзитети и се овозможуваат услови за развивање нелојална конкуренција.
Мој коментар: Јасно е дека Владата имаше свои љубимци универзитети, кои можат да се пофалат со многу убави бројки. На пример, во учебната 2016/17 година, на студиите по туризам на УКиМ се дадени 30 места, исто колку и на УГД на соодветниот факултет во Гевгелија и дополнително уште 10 места на дисперзираните студии во Скопје. БРАВО! Или, на УКиМ на Електро факултетот (ФЕИТ) се дадени 80 места за студиите по автоматизација и обновливи извори на енергија, а на УГД на Електро факултетот во Радовиш (Да! Во Радовиш) дадени се 40 места. Скопје и околината е само два пати поголемо од Радовиш и околината. За условите на студирање не сакам да дискутирам. Тоа е друга тема на која може да се направи "Шпанска серија". Има уште многу такви примери, ама овие два се доста за да се добие слика.

Интегративните функции во Извештајот се претставени преку финансирање проекти и организација на културни, уметнички и забавни случувања. Оттаму, останува впечатокот дека интегрираноста на Универзитетот и понатаму останува горливо прашање. Посочуваме дека интеграцијата треба повеќе да се отсликува во начинот на организирање на Универзитетот, неговата структура, политиката на развој и менаџирањето. Постоечкото ниско ниво на интегрираност е плодно тло за развој на проблеми поврзани со матичноста, што од своја страна ги доведува факултетите во ситуација да си конкурираат едни на други во рамките на УКИМ, но и надвор од него.
Мој коментар: Според мене, УКиМ е интегриран 5 %, колку што изнесува "данокот" кој секој факултет, односно единица треба да го плати на УКиМ, односно на Ректоратот. Тие пари после се трошат за шоферот на Ректорот да добие професорска плата (јас не гум го видел ова, само сум го слушнал од други), за организирање културно-забавни, културно-уметнички и културно-културни случувања, за... немам докази, па затоа нема да ги споменам другите некултурни работи.

Во текот на расправата по Извештајот и самите членови на Комисијата упатија голем број забелешки. Сметаме дека за подобрување на квалитетот на високото образование, Комисијата во иднина во својата процедура треба да предвиди можност извештаите за работењето на ректорите на јавните универзитети да бидат усвојувани, откако од нив ќе бидат отстранети сите забележани недостатоци.

И покрај неможноста нашите претставници активно да се вклучат во работењето на седницата на Собраниската комисија за образование, наука и спорт, одржана на 27.06.2017, Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат ќе одговорат и на идните евентуални покани, доколку во своите редови имаат членови кои се од соодветните универзитети или се компетентни за дадената тема. Сметаме дека на тој начин ќе го дадеме својот конструктивен придонес во одржување и развивање на добрата практика на соработка на законодавниот дом со стручната, академска јавност.
Мој коментар: Имаше ден стар виц, во кој еден човек имал папагал кој бил многу безобразен. Пцуел, користел вулгарни зборови... Човекот си го носел папагалот на работа. Секогаш кога ќе поминела некоја колешка и' дифрлал, свиркал. Кога поминува шефот го пцуел, му го спомнувал женскиот дел од семејството, мајка, сестра... Еден ден му пукнал филм на шефот и му рекол на човекот "или ќе најдеш чаре за папагалот или јас ќе ти дадам отказ". Човеков го молел папагалот да престане со таквиот однос, за да не остане без работа. Папагалот се сложил. Следниот ден шефот намерно поминал покрај папагалот за да го тестира. Овој ништо не рекол. Поминал уште еднаш, папагалов пак ништо. Поминал трета пат и...папагалот тогаш му викнал на шефот "Еј шефе... Да...ти... Ај да не ти кажувам, си знаеш."

Дали наставниците треба да прават подготовки?

Овој текст го напишав затоа што ме поттикна еден напис кој на Facebook го споделија Слободан Таневски и Рената Дескоска и за кој позитивно...