На 21.11.2016 година, на Природно-математичкиот факултет, од Бирото за развој на образованието пристигна покана (писмо бр. 08-2037/1 од 17.11.2016) за учество на работен состанок, кој
се одржа на 28.11.2017 година во ОУ Јан Амос Коменски. Состанокот беше
реализиран од Бирото за развој на образованието и Меѓународниот центар за
наставни програми од Кембриџ, а
темата на состанокот беше адаптацијата на новите наставни програми по
предметите математика, физика, хемија и биологија за учениците од средното
образование. Првично, состанокот требаше да се одржи во просториите на БРО, но дознавме дека греењето било расипано, па затоа локацијата на состанокот е сменета. Подоцна дознавме дека греењето во БРО е потполно исправно и работи. Зошто ли беше ова преместување?
Согласно поканата, на состанокот присуствувавме четворица
претставници од Природно-математичкиот факултет, експерти од областа на
методиката на наставата по соодветните предмети, и тоа:
Проф. д-р
Митко Караделев, од Институтот за биологија
Проф. д-р
Оливер Зајков, од Институтот за физика
Доц. д-р
Валентина Гоговска, од Институтот за математика и
Доц. д-р
Марина Стојановска, од Институтот за хемија
Кога дојдовме на состанокот видовме дека се присутни советниците од БРО по соодветните предмети и претставници од Државниот испитен центар. Тука дознавме дека тоа не е еднодневен состанок, туку тридневен работен состанок, на кој ние од ПМФ требаше да присуствуваме само попладнето на првиот ден?????
Морам да кажам дека на почетокот бев збунет од она што претставничката на Кембриџ центарот го зборуваше. Беше очигледно дека информациите што го имав јас за нашето образование по природно-математичките науки и оние што ги имаше таа не се согласуваа. На мое инсистирање таа даде некои дополнителни објаснувања и ни кажа дека тие нудат три стандарди по кои може да се учат математиката, физиката, хемијата и биологијата во средно училиште природните науки и дека ние треба да го одбереме барем оној најнискиот, за да можеме да го фатиме чекорот со светот, за нашите ученици да бидат компатибилни со останатио дел од светот и да можат да се запишуваат на странски универзитети. Испадна дека сите ги имаа информациите за овие стандарди (претставниците од БРО и ДИЦ), освен ние четворица од ПМФ, кои се чувствувавме малку како од друга планета. Од една колешка од БРО, која беше "прва меѓу еднаквите" од БРО побаравме да добиеме копија од материјалите, но таа ни објасни дека тоа е работна верзија преведена на македонски и не смее да се дава на луѓе од надвор. ПАЗИ, НИЕ СМЕ ЛУЃЕ ОД НАДВОР!
Нејсе, си ги најдовме на веб страната на Кембриџ центарот во оригинал. Таму се зборува за три нивоа на стандарди: IGCSE, AS и А. Ние членовите на групата која работеше на делот по физика дојдовме до заклучок дека кај нас физиката во гимназија се учи според највисокиот стандард А. Претставниците од Кембриџ беа благо речено, шокирани. Прво не веруваа, мислеа дека е некое недоразбирање, а подоцна беа зачудени: "Како успевате да го учите на тоа ниво кога имате само 2 односно 3 часа неделен фонд?" И објаснив многу едноставно. "Вие имате 5-7 часа неделно физика, нели?" Таа потврди. "Од нив, 2-3 часа имате предавања, а останатите ви се истражувачка работа во лабораторија, така?" Таа и тоа го потврди. "Епа кај нас има 2 до 3 часа предавања и тука завршува." - и' одговорив.
Во продолжение состанокот се одвиваше во работна и многу кооперативна атмосфера.
Со претставниците од БРО, ДИЦ и од Меѓународниот центар ги разгледавме сите
аспекти на промените. Земајќи ги предвид потребите на општеството, дотогашното
искуство што нашиот образовен систем го има стекнато и моменталната состојба, се
договоривме за верзија која е најсоодветна за нашите потреби и услови. Од претставниците од Кембриџ имавме крајна поддршка. Тие се согласија дека оваа програма не може да се релизира со помалку од 5 часа неделно и без лабораторија. Тие рекоа дека тоа ќе го стават во крајниот извештај.
Откако наставните програми беа објавени на веб страната на
БРО, забележавме дека програмите не соодветствуваат на договореното. Уште
повеќе, има повеќе нелогичности. Она што посебно се забележува е неусогласеноста
на наставните програми за природно-математичките насоки во гимназиите. Тие
отсекогаш давале основа за учениците кои ги продолжуваат студиите на
факултетите кои се сродни со природно-математичките науки. Имено, наставните
програми за ПМ-А беа насочени кон техничките и дел од природно-математичките
науки, додека програмите за ПМ-Б, беа насочени кон био-медицинсите и дел од
природно-математичките науки. Така, учениците на ПМ-Б, слушаат математика,
физика насочена кон биофизика и медицинска физика, хемија и биологија. Тоа се
идните студенти на студии по медицина, ветерина, технологија, биологија,
хемија, стоматолодија, фармација и слично. Учениците на ПМ-А слушаат
дополнителни предмети од математика, настава фокусирана на теориска и применета
физика, хемија и биологија. Тоа се идните студенти на студии по математика,
физика, електро-техника, машинство, информатика, градежништво и слично.
Според новата програма според Кембриџ, се предвидува учениците во прва година
гимназија на природно-математичка-А насока да слушаат настава по физика, хемија и биологија која е иста
со наставата во општествено-хуманитарната насока и јазично-уметничката насока во гимназиите и средните стручни училишта. КАТАСТРОФАЛНО! Од друга
страна, учениците во прва година гимназија на природно-математичка-Б ќе слушаат настава по
математика која е иста со онаа во општествено-хуманитарната насока и јазично-уметничката насока во гимназиите и средните стручни училишта, како и во спортската гимназија. И ПОСЛЕ САКАМЕ НАШЕТО ОБРАЗОВАНИЕ ДА БИДЕ ВО СОГЛАСНОСТ СО СВЕТОТ? На овој начин учениците од овие две насоки ќе стекнат знаења кои не се во
согласност со светските текови и потреби и нема да можат успешно да ги
продолжат студиите на соодветните факултети, ниту во земјава, ниту во
странство.
Дополнително, промената на фондот на часови кај еден предмет
би требало да резултира со промена на фондот на часови кај другите предмети. Во
спротивно, учениците на различни насоки ќе бидат различно оптоварени. И што направивме сега? За да ја прошириме дневната, срушивме еден ѕид во станот, ама WC шољата ни дојде среде дневна. Смрди? Ооо, да? Ако не се врати назад ѕидот и тоа како ќе смрди. Секој ден се' повеќе.
Можеби не е така лошо да се ангажираат луѓе од надвор, арно ама дајте им на тие луѓе вистински информации. Запознајте ги со приликите, условите, можностите... во оваа моја чудесна земја! Спојте ги со нашите експерти. Слушајте ги и почитувајте ги нивните мислења. Крајниот збор треба да го дадат нашите експерти. Не политичари, не експерти за нечие туѓо образование. Затоа што, колку е образованието светско, толку е и автентично.
Овој текст беше повеќе во стилот "како си поминав на еден Кембриџ состанок". Многу малку коментирав, ама и нема што да се коментира. Дури и Стиви Вондер ќе види дека работава не чини?
Можеби не е така лошо да се ангажираат луѓе од надвор, арно ама дајте им на тие луѓе вистински информации. Запознајте ги со приликите, условите, можностите... во оваа моја чудесна земја! Спојте ги со нашите експерти. Слушајте ги и почитувајте ги нивните мислења. Крајниот збор треба да го дадат нашите експерти. Не политичари, не експерти за нечие туѓо образование. Затоа што, колку е образованието светско, толку е и автентично.
Овој текст беше повеќе во стилот "како си поминав на еден Кембриџ состанок". Многу малку коментирав, ама и нема што да се коментира. Дури и Стиви Вондер ќе види дека работава не чини?
(Дел од текстот е превземен од писмото со кое ПМФ реагираше пред некој месец кај БРО во врска со овој проблем.)