Friday, August 11, 2017

Како се губи национален идентитет

Малку со задоцнување го пишувам текстов. Ме фатија жештиниве и телово ми работи со намалена брзина. Ама тоа не значи дека мозокот ми работи погрешно. Ќе коментирам две работи, едната веќе застарена-договорот за соработка со Република Бугарија, а другата мошне тазе-назначувањето на некои од новите раководители и заменици раководители на јавните институции. Се разбира, ќе останам во сферата на образованието.

Да тргнам по ред. Овој договор беше предмет на многу критики во јавноста. Она што најстрашно звучеше беше дека со овој договор ќе ја продадеме државата, нашата историја, културата, јазикот, националниот идентитет и што уште не. Внимателно го прочитав договорот и не најдов нешто што ми ја навести опасноста од губење на националниот идентитет. Не велам дека е идеален. На пример, не ми се допаѓа точка 5 од член 11. Таа некако ми штрчи во однос на сите останати членови. Но, нема да ја коментирам, затоа што реков дека ќе останам во сферата на образованието. Каде е образованието во договорот? Многу ми е интересна опасноста од губењето на националниот идентитет низ призмата на образованието.

Ќе наведам неколку примери како може да се изгуби националниот идентитет.

Пример 1
Преведување универзитетски учебници на македонски јазик и носење одлука за задолжителна употреба на овие учебници.

Во спротивно, студиските програми нема да бидат акредитирани од Одборот за акредитација. Ова значи дека нашите универзитети не чинат, дека не успеале да произведат доктори на науки кои можат да напишат квалитетен универзитетски учебник и дека спасот е во странските учебници. А ние, универзитетските професори, наместо да се здружиме и сите сложно да кажеме НЕ на оваа глупост, за да покажеме дека се сложуваме со ова мислење, брзо-брзо ги ставивме овие преводи на листата со задолжителна литература. Уште некои колеги не' потсетуваа да не заборавиме на оваа обврска. Зошто служат образовните и научните институции? Да креираат научни резултати, уметнички дела, учебници, стручни книги, популарен материјал...и сето тоа да го промовираат и популаризираат меѓу припадниците на својата нација, но и други нации. Кој е резултатот од ова? Меѓу другото, промовирање на својата култура, својата нација, својот идентитет, што неминовно води до меѓународно признавање на сето тоа што е креирано и промовирано. До признавање на националниот идентитет. Некој ќе праша, па добро што има лошо во тоа да се преведуваат квалитетни странски учебници на македонски? Не е лошо. Тоа се прави во светот. Но, во конкретниов случај лошо е што тоа е направено на крајно неквалитетно. Лошо е што процесот е еднонасочен. Зошто да не се преведуваат македонски универзитетски учебници и да се промовираат во странство? Имаме учебници кои се на многу високо ниво, на светско ниво. Зошто да не го промовираме надвор нашето високо образование? Нашиот идентитет!

Пример 2
Воведување странски наставни програми во основното и средното образование, со комплет преведни странски учебници. И програмите и учебниците да се прилагодат на брзинка. Крајната одлука за сето тоа да ја донесат луѓе кои немаат врска со образование.

Што значи ова? Слично како и кај првиот пример. Ние немаме писмени експерти кои ќе направат добра современа наставна програма и ќе напишат добри учебници. Ги помноживме со нула сите оние коие со децении работеа на ова поле. Сите оние кои се ценети и надвор од нашите граници. Некој ќе праша, па зошто не направија тие експерти современа наставна програма порано? Наставните програми се одлични. Лошите резултати на нашите деца се последица на нешто друго, за кое ќе пишувам во некоја друга прилика. Да не објаснувам понатаму дека 1+1=2. Јасно е дека ако немаш свој образовен систем, ако немаш идентитет, тогаш мораш да увезеш туѓ. Заклучок, уништи го својот идентитет и увези туѓ.

Реков дека ќе останам во сферата на образование, па затоа нема да зборувам за уништување на националниот идентитет преку други сфери: уништување на своето стопанство и инвестирање и спасување на туѓото стопанство, за немање своја телевизиска продукција и увезување на туѓи шоуа, забавни емисии, серии... Па кога веќе увезуваме туѓа телевизиска продукција, барем да увеземе нешто што е квалитетно и поучно, како научно-популарни емисии, школска програма...

Ова е она што им го правеле колонизаторите на колонизираните народи. Ја уништувале нивната култура, нивниот идентитет и им ги подарувале своите. На пример, анализирајќи го колонизирањето на Индија од страна на Британците, историчарите и аналитичарите ќе напишат дека целта била "да се креираат Индијци по крв и боја, но Англичани по чувства, морални квалитети и гледање на работите". Во исто време "биле формирани образовни институции, чија цел била да се уништи слободната мисла кај младите Индијци и да се вгради во нив вредноста на Британското присуство во земјата, а сето тоа под плаштот на современо образование. Ова образование немало за цел да го развива рационалното размислување, туку да ги наведе младите да ја прифатат Британската супериорност."
Она што колонизаторите им го правеле со сила на колонизираните, ние си го правиме доброволно и уште повеќе, плаќаме за тоа.

Ова ме води до втората тазе актуелна тема за која сакам да зборувам. Ова е време кога сме соочени со Кембриџ програмата по математика и природни науки во основно образование и со сите проблеми кои се појавија со нејзиното воведување. Исто така, веројатно не' чека нејзино воведување и во средното образование. Резултатите од меѓународните истражувања (ТИМСС, ПИЗА) покажуваат дека нашите ученици се на дното на листата. Сега, кога сме заглавени во оваа дупка, како в.д. заменик директор на Бирото за развој на образованието се поставува човек кој е одделенски наставник. Можеби тој би бил добар заменик директор во некое друго време. Но, во моментов, на чело на оваа институција е потребен човек кој е од областа на математика и природни науки, кој е стручен, има чувство за состојбата и потребите на терен и се разбира, кој има идеи. Ако ништо друго, таа личност треба да биде свесна дека треба да формира широко експертско тело, на кое ќе му биде дадено доволно време и слобода да одлучи што е најдобро.

Претходно реков дека веројатно не' чека воведување на Кембриџ програмата и во средното образование. Го употребив зборот "веројатно", затоа што во јавноста не е објавен договорот што го имаме потпишано со Меѓународниот центар Кембриџ. Не знаеме кои се ниту нашите обврски и права во тој договор, ниту оние на Меѓународниот центар. Дали мораме да го воведеме Кембриџ, под кои услови, колку пари до сега се потрошени, уште колку треба да се потрошат, колку можеме да ја модифицираме програмата...


Толку многу прашања, а толку ич одговори.

No comments:

Post a Comment

Дали наставниците треба да прават подготовки?

Овој текст го напишав затоа што ме поттикна еден напис кој на Facebook го споделија Слободан Таневски и Рената Дескоска и за кој позитивно...