Wednesday, June 14, 2017

Анализи, анализи, анализи... А податоци?

Откако се смени владеачката партија, сите како да го почувствуваа моментот. "Е сега му е мајката. Сега се' ќе смениме онака како што треба."

Се чини дека реакциите и дискусиите за образованието се најгласните од сите. Како да сме тука најчувствителни. Па се разбира дека сме. Во таа сфера се креира, дизајнира, оформува, произведува иднината на државата, на еден народ, на една култура. Уште повеќе, репроматеријалот со кој се работи во таа сфера се нашите деца. Нормално, ние како родители не сакаме никој да ни ги малтретира и уништува децата. Од друга страна, прозводителот не смее да го уништува репроматеријалот, затоа што тоа многу чини. Во случајов не чини само пари, туку чини иднина, чини постоење, чини почитување.

Е сега се' ќе смениме како што треба. А како треба? Па луѓе и експерти ќе кажат дека треба да се направи анализа на просторните услови, на учебниците, на наставниот кадар... Зарем треба човек да биде Ајнштајн за да сфати дека, на пример, речиси во ниедно училиште во Македонија нема или речиси нема лаборатории за наставата од групата предмети по природни науки: физика, хемија и биологија. Зарем треба да се биде генијалец за да се заклучи дека учебниците не се она што треба да бидат. Тие никогаш не биле и нема да бидат она што треба да бидат. Никаде во светот. И тоа не е страшно. Ама страшно е ако се ограничиме да учиме само од учебниците. Но, како и да е, ќе направиме анализи, ќе го реформираме образованието и ќе чекаме десетина-петнаесет години, до некое време кога ќе дојдеме до заклучок дека повторно нешто не чини. Што ќе правиме тогаш? Па се разбира, повторно ќе анализираме. Замислете дека сте си изградиле куќа. Во неа живеете, ама никогаш не сте се завртиле околу да видите што попуштило во куќата. Некоја керамида попуштила, па навлегла влага. Во тој дел малтерот паднал, ѕидот е напукнат, ама држи некако. Еден кабел прегорел и дел од ѕидот е малку поцрнет, ама фала Богу сите сме живи. Казанчето во тоалетот се расипало, па некако се снаоѓаме со турање вода. Додуше подсмрдува малку во куќата, ама... И после 15-20 години ќе направиме анализа да видиме што не чини и да направиме нешто за да ја поткрпиме куќава. Каква анализа?! Куќата треба да се одржува редовно! И треба редовно да се прават анализи! А не секои 20 години!

Така е и во образованието. Во 2001 година, кога се подготвуваше реформираното гимназиско образование, тогашната директорка на Бирото за развој на образованието дојде во посета на Институтот за физика на ПМФ- Скопје да ни каже за новините кои ќе се воведат. Се сеќавам како пред малку да беше кога рече:

- Се договоривме со холанѓаните во реформата да ни помогне една нивна сродна организација, ЦИТО. Дојдоа луѓето и ни побараа да ги видат резултатите од истражувањата кои сме ги направиле. Ние прашавме, "какви истражувања". Тие велат, "па оние истражувања што сте ги правеле изминативе 15-20 години". Тогаш дојдовме до заклучок дека ние ништо не сме направиле во изминатиот период.

Дојдовме до заклучок, ама џабе. Продолживме да работиме на истиот начин.

Во светот има десетици и десетици различни образовни системи кои даваат добри резултати. Некои даваат добри, некои подобри, а некои и одлични резултати. Се разбира има и такви со катастрофални резултати. И сега кој од тие добрите да го одбереме за нас. НИЕДЕН! Потребни се долгогодишни редовни и сериозни истражувања во областа на образованието. Тогаш ќе можеме да откриеме кои се нашите автентични проблеми, услови, потреби и т.н. Тогаш ќе можеме да одбереме еден систем кој ќе го преработиме од корен и ќе го прилагодиме да одговара на нашата автентичност, па ќе направиме пилот училишта. Година, две или три, ќе правиме истражувања, ќе следиме, ќе анализираме и после тоа ќе можеме да извршиме дополнителни прилагодувања на системот. Е тогаш ќе можеме да го пуштиме во нашите училишта. Научните истражувања од областа на образование отсекогаш биле занемарувани кај нас. Тоа секогаш било нешто што било оставено само на себе. "Голема работа, да држиш настава, па тоа секој знае. Дај учебник, дај простор и готово. Што има тука да се истражува." Е НЕ Е ТАКА!

Кога на образованието ќе гледаме како на научна дисциплина, тогаш ќе имаме услови за добро образование. Велам ќе имаме услови. Тоа сеуште не е доволно за одлично образование. Треба и други работи. Ама за тоа друг пат.

No comments:

Post a Comment

Дали наставниците треба да прават подготовки?

Овој текст го напишав затоа што ме поттикна еден напис кој на Facebook го споделија Слободан Таневски и Рената Дескоска и за кој позитивно...